Зоран Наков, кандидат на листа на пратеници за изборна единица 2 од “Македонски концепт“
Зоран Наков - проф. по физичко и здравствено образование, претседател на Општинскиот сојуз на училишен спорт на Ѓорче Петров, член во Извршниот одбор на Сојузот на училишен спорт на Град Скопје, претседател на Училишниот спортски клуб Димитар П.Г. Беровски, координатор/тренер по фудбал (УЕФА „Б“ лиценца). Секогаш максимално професионален пристап во работата и со посебни достигнувања во спортот.
ПОЛИТИКА: Кој е вашиот личен мотив да се приклучите на МК Концепт?
Зоран Наков: Како посветен спортски работник со јасна визија, покрај замислите за значителен прогрес во рамките на спортот, во мене се буди надеж за развој и на други дејности од најразлични области. Македонски Концепт како демократска политичка платформа нуди можност за искажување на идеи и ставови од експерти во повеќе професии, а дава можност да се слушне и гласот на народот.
ПОЛИТИКА: Дали е ова Ваш прв политички ангажман?
Зоран Наков: Не, Јас сум неажуриран член на ВМРО-ДПМНЕ, и поранешен вршител на јавна функција - Член на советот во локална самоуправа при Општина Ѓорче Петров, во период од 2005 до 2009 година.
ПОЛИТИКА: Што според Вас е пресудно за подобра иднина на државата?
Зоран Наков: Политичките чинители треба да работат чесно, транспарентно и професионално во интерес на сите граѓани, ако сакаме истите да ги задржиме и опстанеме како држава. Искоренување на криминалот и корупцијата во државата, враќање на довербата кај народот. Сузбивање на непотизам и партиски вработувања во државниот сектор, каде професионализмот и знаењето ќе бидат примарни квалификации на пазарот на трудот. Вреднување и значително подобрување на животниот стандард на граѓаните, за нормално функционирање и градење на „Нормална држава“.
ПОЛИТИКА: Кои се приоритетите кои политичкиот фактор треба да ги преземе со цел да направи некаква промена во Македонија?
Зоран Наков: На нашата држава ѝ е потребна е стабилност, просперитет и развој. Брзо опоравување од кризата зафатена од вирусот COVID-19. Потребни се значителни реформски процеси во сите сфери на општеството (Економија, Судство, Образование и Здравство). На нашата земја ѝ е потребен видлив реформски прогрес во делот на правосудството, борбата против корупцијата, добрососедските односи, а тоа да биде вреднувано со исчекор во евроинтеграциите. Рационално користење на пристапните фондови од ЕУ, субвенционирање на малите и средните претпријатија, вложување во проекти во сите области се со цел да има одржлив развој.
ПОЛИТИКА: Која компонента од она што го нуди МК концепт, за Вас има најголемо влијание како граѓанин на Македонија?
Зоран Наков: Можноста што ја дава секој индивидуално да ги искаже своите ставови, идеи и предлози, за решавање на проблемите на граѓаните. Да предложи проекти кои ќе бидат од големо значење, реално остварливи и со одржлив развој и континуитет.
ПОЛИТИКА: Како вие лично ќе придонесете кон промените кои ги предлага Македонски Концепт?
Зоран Наков: Со идеи, предлози и проекти во полето на спортот кој има големо и позитивно влијание врз личноста, заедницата, па и општеството во целина. Спортот генерално ги опфаќа сите возрасни категории и е од огромно значење за здравјето на човекот. Со современиот начин на живеење, немаме голема можност за движење, затоа со физичката активност се надоместува потребата за движење. Кога сме здрави и физички активни, можеме полесно да ги исполниме секојдневните обврски. Физичката активност допринесува за формирање на здрава и сестрана личност. Превентивно влијае кај младите да се оттргнат од штетните пороци (алкохол, пушење, дрога). Многу мали држави по број на жители, како Исланд, Норвешка, Шведска, Холандија, Ирска, Лихтенштајн и Нов Зеланд, вложуваат во образовниот систем и спортот, а постигнуваат одлични резултати на светско ниво. Населението што живее и работи во овие земји се чувствува здраво и среќно, а просечниот животен век изнесува 80 години.
Ние како релативно мала држава по број на жители и низок стандард на живеење, можеме да ги промениме работите во спортот само со добра организациска поставеност и вложување во спортска инфраструктура.
ПОЛИТИКА: За што ќе се залагате доколку добиете прилика да учествувате во управувањето со процесите во државата?
Зоран Наков: Би се залагал за создавање на позитивна клима во државата, враќање на довербата на граѓаните кон политичарите, за чесно, транспарентно и одговорно делување. Реформски процеси кои навистина ќе допринесат за брз економски развој, враќање на оптимизмот и надежта за подобар живот. За градење стратегија, како да се задржат младите во државата, а за оние кои ја напуштија, да се створи амбиент за нивно враќање.
ПОЛИТИКА: Зошто проекти?
Зоран Наков: Проектите се потребни во секоја област, во секој сегмент на општествено-социјалниот живот. Секој од нив решава одредени проблеми и ги задоволуваат потребите на граѓаните. Проектите може да бидат финансирани од државата, локалната самоуправа, пристапните грантови од ЕУ, невладини организации и други субјекти.
Ќе дадам неколку предлози и идеи за решавање на био-социјалните потреби на граѓаните:
- Изградба на повеќе наменски игралишта во секоја населба;
- Изградба на пешачки и велосипедски патеки во природни средини;
- Изградба на отворени/затворени базени во секоја општина;
- Изградба на мини паркови во секоја населба со различни содржини, каде би рекреирале од најмала до највозрасна популација.
ПОЛИТИКА: Опишете ја Македонија за 5 години од сега.
Зоран Наков : Членството во НАТО ја зголемува безбедноста и стабилноста на земјата со што се создава подобра основа за економски раст и развој, долгорочна безбедност и политичка стабилност. Во наредните пет години треба да работиме посветено на реформските процеси за влез во ЕУ. Придобивките од членството во ЕУ се значајни за граѓаните на Македонија, истите треба да ни бидат поттик за посветено работење. Посакувам Македонија во 2025 год. да стане членка на ЕУ, каде граѓаните ќе имаат повисок животен стандард и квалитет на живот.
фото: Македонски концепт