Жена која со години била дел од најтесниот круг на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин јавно проговори за начинот на кој, според нејзините тврдења, тој ги регрутирал, контролирал и сексуално злоупотребувал жените околу себе.
Во разговор за Би-би-си, жената, која користи псевдоним Ања за да го заштити својот идентитет, изјави дека живеела во стан на Менхетен што го користел Епстин за сместување на жени кои, според неа, биле негови жртви. Таа вели дека само една седмица по неговата смрт во 2019 година, братот на Епстин, Марк, ѝ кажал дека мора да се исели. Марк Епстин негира дека знаел за злосторствата на својот брат.
„Сè уште се обидувам да се соочам со фактот дека со години бев злоупотребувана. Не бев врзана со синџири, но постоеше контрола што не се гледаше“, изјави Ања.
Според нејзиното сведоштво, Епстин им ветувал работа, успешна кариера и подобар живот, а потоа постепено воспоставувал целосна контрола врз нивните финансии, сместување, секојдневие и лични односи. Таа тврди дека жените морале постојано да му бидат на располагање и дека биле изложени на сексуална злоупотреба.
Клиничката психологинка Тара Квин-Чирило за Би-би-си изјави дека ваквите методи на манипулација не ги погодуваат само децата.
„Регрутирањето и присилната контрола можат да се случат и кај возрасни лица. Секој може да стане ранлив“, рече таа.
Ања раскажува дека како млада манекенка од Русија била запознаена со Епстин преку моден скаут во Париз. Таа денес верува дека средбата била однапред организирана како дел од процесот на нејзино регрутирање.
Според неа, Епстин со месеци ја убедувал дека ќе ѝ помогне да изгради успешна кариера во модната индустрија, но наместо тоа ја изолирал, ја правел финансиски зависна и ја злоупотребувал. Таа тврди дека првиот сексуален напад се случил во Палм Бич, додека Епстин ја издржувал затворската казна од 2008 година.
Ања сведочи дека Епстин ги принудувал жените да му испраќаат интимни фотографии, ги следел нивните животи и, според неа, собирал компромитирачки материјали за да ги држи под контрола. Исто така, ги поттикнувал да регрутираат нови девојки, создавајќи, како што вели, „цел екосистем на злоупотреба“.
„Најтешко ми е што и самата бев принудена да доведувам други жени. Сакам да проговорам за луѓето да сфатат дека жртви на трговија со луѓе можат да бидат и возрасни жени, а не само малолетнички“, изјави таа.
По смртта на Епстин, Ања добила обесштетување од фондот за жртви. Денес вели дека јавно проговорила со надеж дека нејзината приказна ќе им помогне на други жени навреме да препознаат присилна контрола и да излезат од насилен однос.