21-ви јуни - Ден на Охридското Езеро. Овој датум веќе 19 години, се одбележува со манифестации кои се одржуваат наизменично во трите општини Охрид, Струга и Поградец. Целта на овие дружби е обединување на граѓаните и општините од двете земји, но и детектирање на заедничките проблеми поврзани со Езерото од стручните тимови и расправа за истите со цел навремена заштита на езерото што го делат. На овој начин се покажува и важноста на Езерото, но и подготвеноста на македонската и албанската страна да направат се заедно за заштитата на езерото, институционално и легислативно преку транспонирање на програмите и директивите на Европската унија во законодавството на двете земји.
„И покрај високиот квалитет на водите во Охридско Езеро (освен притоките Черава и дел од Сатеска) над Езерото висат многу опасности околу неговата идна заштита. Ја детектирам како најголема опасност амортизацијата на колекторскиот систем чија рехабилитација треба да почне буквално-вчера! Институционалната рашомонијада околу надлежностите за заштита и управување со Езерото е исто така негативен момент. И третиот не помалку битен момент е неопходноста од итна де-урбанизација и де-узурпација на крајбрежието. Планот за управување со сливот со програмата на мерки која ќе ја изработиме до крајот на годинава, се предиспозиции за квалитетна заштита. Во спротивно без почитување на стручните препораки ќе ни следи критичен период за заштита и управување на Езерото што ќе се одрази и на квалитетот на водите, а со тоа и на економската иднина, напиша Дејан Пановски координатор на ГЕФ Дримскиот Проект на социјалната мрежа Фејсбук.

Од оваа перспектива гледано може да се каже дека важно е колку е старо Охридското Езеро, но уште поважно е колку ние ќе го заштитиме.