Воздушниот сообраќај на аеродромот Берлин Бранденбург е целосно парализиран поради штрајк на синдикатот Верди, при што ниту еден патнички авион не полетал ниту слетал.
Откажани се вкупно 445 полетувања и слетувања, а последиците ги чувствуваат околу 57.000 патници, објави германски „Шпигел“. Од аеродромот апелираат патниците да стапат во контакт со своите авиокомпании за да добијат информации за алтернативни опции за патување.
Штрајкот е дел од тековните преговори меѓу синдикатот Верди и управата на аеродромот околу условите за работа и платите. Синдикатот бара зголемување на платите за шест отсто за околу 2.000 вработени, минимално покачување од 250 евра месечно, како и дополнителен слободен ден за членовите.
Покрај Берлин, нарушувања има и во Минхен, каде јавниот превоз функционира со ограничен режим. Метроата, трамваите и автобусите од утринските часови сообраќаат редуцирано, а од 11 часот преминуваат на итен режим. Приградските возови и регионалните автобуси засега не се засегнати.
Синдикатот Верди најави дека штрајковите ќе продолжат и утре, при што ќе бидат опфатени и други големи градови, вклучително и во Баварија, Северна Рајна-Вестфалија и Хамбург.