Шанса за Центар реагира дека во последните шест месеци во општина Центар биле издадени дури 64 градежни дозволи, што според нив е класичен пример за „традиционална политичка борба“ во оваа општина. „Кога знаеш дека ќе изгубиш на избори, ги потпишуваш сите можни дозволи за градба, иако знаеш дека општината нема капацитет, ниту луѓе, ниту опрема, да контролира и да спречи тоа да се претвори во општ хаос по улиците и маалата“, стои во нивното соопштение.
Тие додаваат дека сите дозволи се издадени според планови донесени во 2012 година, кои двапати биле дел од предизборни програми искористени како политички маркетинг.
„На граѓаните во наследство и за долго сеќавање ќе им остане просторот во хаос. Но, на идната градоначалничка ќе ѝ даде материјал во процесите каде е најдокажана“, велат од движењето.
Кандидатката за градоначалник од Шанса за Центар, Билјана Ивановска, најавува дека ова прашање ќе биде еден од клучните делови во нејзината кампања и дека ќе се заложи за целосна ревизија и контрола на урбанистичките планови.