Скопје

Шилегов: Продолжуваме со системски и интегриран пристап во подобрувањето на животната средина

Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше и се обрати на форумот на тема „Главните градови соочени со проблемите поврзани со животната средина“, што се одржа во ЕУ Инфо-центарот во организација на Францускиот институт во Скопје. Форумот понуди можност за дискусија за проблемите и предизвиците со кои се соочува градот, а кои се однесуваат на загадувањето во зимскиот период, сообраќајот, ширењето на градот, потребата од подобрување на средствата за јавен превоз, напредокот во зголемувањето на зелените површини и слично.

– Продолжуваме со нашите намери за обезбедување системски и интегриран пристап во подобрувањето на животната средина во Скопје. Ваквиот пристап покрај активностите преземени од централната и од локалната власт подразбира и активно вклучување на граѓанските организации, академијата, бизнис заедницата, медиумите, неформалните иницијативи и други заинтересирани страни. Изминативе 12 месеци Градот посветено работи на подобрување на животната средина, а во најголем дел на намалување на загаденоста на воздухот, на водите и почвите, и на намалување на бучавата. Како што ветив во својата изборна програма, поднесовме апликација за престижното признание „Европска зелена престолнина“ во 2021 година, која Европската комисија и официјално ја прифати. Апликацијата содржи опширни одговори на прашања за постојната состојба со животната средина во градот, минатите активности во оваа област и плановите и чекорите што ќе ги преземе Град Скопје до 2021 година во 12 индикатори (показатели), и тоа: ублажување на климатските промени, приспособување на климатските промени, одржлива урбана мобилност, одржлива употреба на земјиштето, природа и биодиверзитет, квалитет на воздух, бучава, отпад, води, зелена површина и еко-иновација, енергетски перформанси и управување. Покажуваме стратешка определба да преземеме конкретни чекори за почиста и поздрава животна средина. Јасно се гледа појдовната позиција на градот пред една година кога јас ја преземав функцијата градоначалник, и напредокот кој го имаме изминативе 12 месеци во градот за подобрување и развој на Скопје. Признанието „Европска зелена престолнина“ не се однесува само на зеленилото, тоа е начин на функционирање на градот – алтернативниот превоз, енергетската ефикасност, транспортот и сите други мерки што ги преземаме за подобрување на животот на граѓаните. Во наредниот период ќе бидеме под засилен надзор, очекувам дека нашата стратегија за поздрава и почиста животна средина ќе наиде на позитивно мислење во Европската комисија. Самото прифаќање на нашата кандидатура од Европската комисија е сериозен показател дека Скопје е на добар пат да ги надмине проблемите во кои живееме – рече денеска Шилегов.

Шилегов додаде дека сме соочени со децениски проблем на загадување на воздухот, особено во зимскиот период и почетокот на грејната сезона.

– Најголемите градови во Македонија влегуваат во групата на најзагадени градови во Европа. Граѓаните во тој период се изложени на воздух со рекордни количества ПМ10 честички. Децениската апсолутна негрижа кон животната средина донесе енормно загаден воздух, масовна сеча на дрвја, уништување на заштитените подрачја и општо недомаќинско однесување со природата – нагласи Шилегов.  

Во изминатиов период Градот Скопје презеде низа мерки за намалување на  загаденоста на воздухот.

– Воспоставивме систем на засилен комунален надзор и надзор за заштита на животната средина од недозволените палења на отворени огнови што учествуваат со сериозен дел во процентот на загадувањето. Оваа есен ја продолжуваме акцијата за зазеленување на градот. Предвидено е да се засадат 3.500 висококвалитетни повеќегодишни листопадни садници. Овој пат во фокусот е обновување на постојните дрвореди и подигање нови на Бит-пазар и во Ѓорче Петров. Изминатиов период уредивме нови паркови и скверови. Постепено го исполнувам она што им го ветив на граѓаните пред една година дека во својот мандат ќе го вратам загубеното зеленило во градот – рече Шилегов.

Градот Скопје заедно со Министерството за внатрешни работи во изминатиов период иницираше измена на законот каде што при техничкиот преглед за регистрација на возила секое возило ќе добие еколошка налепница, за да може потоа административно да се исклучуваат возилата од сообраќај кои реално придонесуваат во загадувањето на воздухот.

– Ова е една од 39-те мерки против загадувањето на воздухот кои беа широко поддржани од јавноста. Греењето среднорочно ќе го решиме со гасификацијата, во рамки на ингеренциите коишто ги имам како градоначалник на Град Скопје. Формиравме градско претпријатие за гас и парно. Ќе стимулираме приклучување кон топлификациската мрежа на што е можно повеќе домаќинства, тие коишто се откажале или никогаш немале парно греење. Доделуваме субвенции за велосипеди, електрични тротинети, печки на пелети, чистење на оџаци. Овозможивме обука за 20-тина нови оџачари. Овозможуваме бесплатен јавен превоз во денови на енормно загадување. Обезбедивме средства за 30-40 нови еко-автобуси. Ја подобривме и проширивме мрежата на велосипедски патеки од вкупно 12 километри. Воведовме бесплатен автобуски превоз за сите средношколци и бесплатни автобуски линии на Водно – потенцира Градоначалникот.

Во изминатиов период во Скопје се исчистени 350 диви депонии, се воведе рачно миење на улиците, расчистени се три диви населени локации во центарот на градот, започна процес на јавна набавка на нови контејнери и возила за собирање смет,  уредени за 50% повеќе зелени површини во споредба со минатата година, реконструирани се фасадите на 11 средни училишта во градот, заменет е филтерот на инсенераторот за медицински отпад на депонијата „Дрисла“, инспектори вршат контроли на сите инсталации што подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола, а се врши и снимање со дрон за потребите на инспекторатот на Град Скопје.

– Ова се само дел од активностите кои ги преземавме изминатава година, а кои влијаат на намалување на загаденоста на воздухот. Индустриските капацитети во градов работат по утврдени европски стандарди и според сите студии истите имаат многу низок удел во загадувањето на воздухот. Вперувањето со прст во индустријата како главен причинител на загадувањето е дефокусирање од реалниот проблем кој во голем дел го загадува воздухот, а тоа се домаќинствата кои се греат на цврсти горива  и неисчистените оџаци. Во Скопје има над 60.000 домаќинства кои се греат на ваков начин. Од 39-те мерки за борба против загадувањето, во изминатава година остваривме 17, започнавме 12 мерки, пет не се надлежност на Градот и пет се неостварени. Остана ли нешто што сме го дискутирале и е применливо, а градската администрација не го преземала? Ова прашање би сакал да го поставам пред присутните на овој семинар, но и пред пошироката јавност. Посветени сме на нашите заложби за чист воздух и здрава животна средина. Тоа ќе биде наш приоритет во идниот период, бидејќи нема ништо поважно од здравјето на граѓаните и нема ништо поважно од здравјето на нашите деца – рече Шилегов.

На денешниот форум пред присутните се обратија и амбасадорот на Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток