Првите и најзначајни личности на традиционалната 27. манифестација во пресрет на Божик, што скопјани со симпатии ја прифатија и здушно ја поддржуваат, се избрани. Кум е Љупче Николовски, а здравичар Миливое Алексиевски, познати личности и вљубеници во својот град. Првиот е бизнисмен, сопственик на фирмата „Белина“, која во 2019 година прославува 25 години постоење и успешна работа и посветен вински витез, а вториот е резбар, потомок од познатата мијачка тајфа Мирчевци и тренер и инструктор по пливање.
Им припаѓаат на различни генерации. Миле Сирма е држечки 85-годишник, кој сè уште работи со длето и чекан, а два-трипати неделно е со скопјанчиња кои ги учи на пливачката вештина. Љупче е млад пензионер, роден е во 1953 година, полека фирмата им ја препушта на синовите, но љубовта спрема македонското вино не го остава на мир, ги знае сите тајни на винарството и се радува на успесите на винарите и на сè поприсутните винарии, кои ја шират возбудливата приказна за нашето виногорје, за климата и македонските јадења. Тој е промотор на напитоците од сè поголемите винови насади.
В недела, на 23 декември, напладне во месноста Краста Одборот за прослава на Бадник во Скопје на своите сограѓани ќе им ги претстави кумот и здравичарот за Бадник 2019 соопштувајќи на тој начин дека сè е подготвено за централната прослава на 6 јануари на платото пред Соборниот храм.
Месноста Краста се наоѓа на јужните падини на Водно на патот кон хидроцентралата „Козјак“.Тука скопските Бадникари ги собираат бадниковите гранчиња што на 6 јануари со години им ги делат на скопјани, на свеченоста на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во пресрет на Божик – најсветлиот христијански празник.
До таму од Скопје, оддалечено 15-тина километри, се доаѓа од два правца, преку Долно Соње и црквичката „Свети Трипун“ до патот за езерото Козјак и крстосницата за „Матка“2, односно ХЕЦ „Света Петка“. Вториот правец води од патот за Драчево и некаде пред мостот на Маркова Река се врти десно кон Батинци, Марков манастир, каменоломот на цементарница „Усје“ и нагоре кон езерото Козјак се доаѓа до месноста наречена Краста, каде што бадникарите ги сечат организирано светите традиционални бадникови гранчиња што бесплатно им ги делат на своите сограѓани.