Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска се сретна со амбасадорот на Италија во Скопје, г – дин Карло Ромео.
На средбата се разговараше за актуелни случувања во Општина Карпош и продлабочување на соработката меѓу локалната самоуправа и амбасадата на Италија.
Италијанскиот јазик, од оваа учебна година е воведен како втор странски јазик во основното образование во нашата држава и учениците веќе имаат можност да го изучуваат.
Градоначалникот Богоев и амбасадорот Ромео изразија подготвеност италијанскиот јазик од наредната учебна година целосно да се воведе во наставата во едно од основните училишта во Карпош, притоа да се запазат сите процедури и правила пропишани од Министерството за образование и наука. На овој начин, учениците од шесто одделение ќе имаат можност да се запознаат со особеностите на јазикот, но и со италијанската култура и традиција.
Исто така, Богоев се осврна и на другите сегменти за соработка со Амбасадата на Италија во Скопје.
„Oтворена е можноста за создавање на „италијански корнер“ во Карпош. Имајќи предвид дека Италија во многу наврати ја има покажано солидарноста кон Градот Скопје, но и кон Карпош, ние сме отворени да ја доближиме италијанската култура и традиција поблиску до граѓаните“, изјави Богоев.
Улицата „Римска“ е симбол на солидарноста која Италија ја покажала кон Скопје и Карпош по катастрофалниот земјотрес во 1963. Сега имаме можност преку нови проекти и активности да ја развиваме соработката, рече Богоев.
Присутните разменија мислења и за зголемена соработка или збратимување на Општина Карпош со некоја од општините во Италија, која по своите особености и број на жители е слична со Карпош.
Амбасадата на Италија има поголем број на активности на полето на културата, а токму Неделата на италијанскиот филм се одржува во Кинотеката на Македонија, која територијално припаѓа на Карпош.
На средбата присуствуваа и проф. д – р Александра Саржоска, шеф на Катедрата на италијански јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Марко Пешетели, лектор и одговорно лице за делот култура при Амбасадата на Италија во Скопје.