Македонија

Заев претстави нова кампања и порача дека затворот е последна дестинација за корумпираните

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, денеска ја промовираа кампањата за подигање на свесноста и за поддршка во борбата против корупцијата.

Премиерот Заев на промоцијата истакна дека со слоганот „Сега сѐ е јавно – корупцијата не се исплати“ кампањата е од посебен јавен интерес и дел од широкиот фронт за борба против корупцијата, а како што кажа, произлегува од јасната политичката волја за целосно искоренување на корупцијата.

Кампањата има цел да ги мобилизира граѓаните и државната администрација во обезбедувањето заштитни механизми и отпор кон корупцијата, која, како што нагласи премиерот, го разорува општеството по сите основи.

„Станува збор за интегрирана кампања, која ќе информира за заштитните механизми преку видео и аудиопродукција, разни пиар-активности, а како канали за комуникација со нејзините пораки земени се дигиталните платформи на социјалните медиуми, домашните веб-портали, билбордите, а ќе биде креирана и посебна интерактивна веб-страница.

На оваа кампања треба да се гледа како на уште еден придонес за синхронизирана комуникација и за остварување на приоритетите утврдени во Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025“, потенцира Заев.

Премиерот ги повика граѓаните да се охрабрат и да ја пријавуваат корупцијата и како неприкосновен и конечен владетел во нашата, како што рече, демократска земја да не се плашат од никого, а на функционерите на сите нивоа им порача дека корупцијата не се исплати и дека последната дестинација на оние што го прават ова кривично дело се затворот и срамот пред заедницата.

Вицепремерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, дополни дека станува збор за широка комуникациска кампања, со единствена цел – на највисоко ниво да се информира јавноста за штетноста на корупцијата во функционирањето на едно општество, за подигање на свеста кај секој граѓанин да ја препознае и да пријави корупција.

„Со кампањата ја праќаме пораката дека оваа Влада е максимално заложена и одлучна да води политика на транспарентност, која е основата на борбата против корупцијата. Крајно транспарентна влада значи создавање услови за буквално секој граѓанин да гледа како функционира системот и притоа да ги има сите можности да ги детектира слабостите, пропустите и да алармира за недоследностите“, нагласи Николовски.

Во своето обраќање тој образложи дека во видеоспотовите на кампањата драматично е претставен мегафонот како симбол што го зајакнува гласот, односно го прави обидот за корупција да биде исклучително ризичен поради транспарентноста на процесите.

„Токму тие мегафони се симбол за сите алатки на транспарентност, кои им стојат на располагање на сите граѓани во секое време. Како што вели и слоганот, ‘Сега сѐ е јавно’, така и мегафоните во спотовите, зајакнувајќи го гласот на разговорот и привлекувајќи внимание кај околните минувачи и затекнати поединци, прават транспарентноста да се сфати како параметар што треба да ги одврати од намерата за корупција“, потенцира Николовски.

На почеток