Македонија

Корисни совети за возачите во зима

РСБСП со нови корисни совети за возачите, поврзани со возење во услови на снег.

Не е мал бројот на случаи кога безбедноста на оние кои се зад воланот не е директно поврзана со техничката исправност на возилото и користењето зимски гуми, туку со прегледноста на возачот во возилото, психофизичката подготвеност на возачите, облеката што ја имаат на себе, информираноста итн.

Совет број 1: Исчистете го целиот снег од возилото

Во брзање на време да стигнат до саканата дестинација, возачите често го чистат само оној дел од возилото кој им е најпотребен, односно доволно да можат да гледаат надвор од прозорите.       Но, тоа е многу лоша навика бидејќи освен тоа што тие треба да гледаат прегледно надвор од возилото, и другите возачи треба да имаат можност да го видат нивното возило, светлата, трепкачите, стоп светлата кога запира итн.. Исто така, снежната покривка која останала на возилото, може да се разлета и привремено да го заслепи возачот кој доаѓа од спротивната насока.

Совет број 2:  Не возете со тешки чизми

Чизмите се неопходни во студените денови и кога има натрупано многу снег на патот, но тие може да го отежнат возењето и да оневозможат возачот да го има потребното чувство на сопирачките и на педалата за гас. Затоа, ако сте во можност, ставете уште еден дополнителен пар чевли или патики во возилото и менувајте ги пред да излезете од него. Ова ќе ви овозможи да добиете подобро чувство на педалите, а воедно ќе ви овозможи подобра стабилност на ногата. Овој совет е особено корисен ако патувате на подолга дестинација.

Совет број 3: Возење со „тешки“ алишта

Сѐ што е тешко, големо и гломазно, ви го отежнува возењето. Големиот и дебел капут повеќе ќе ви пречи во возењето, отколку што ќе ве стопли. Затоа пред да седнете зад воланот, соблечете се и раскомотете се доволно да не се чувствувате тромаво и затегнато, а палтото оставете го на задното седиште од автомобилот. Само така ќе можете слободно да маневрирате со воланот и менувачот, да се поместите во седиштето и да бидете фокусирани на она што се случува на патот.

Совет број 4: Возете одморени и здрави

Како во летните месеци, така и во зима, важи истото правило: секогаш кога ќе седнете зад воланот бидете одморени и психофизички здрави. Во случај кога не сте спремни за патување, не ја предизвикувајте судбината и избегнувајте да возите. Во зима важи уште едно правило: не седнувајте зад воланот доколку не сте доволно искусни за возење во зимски услови или не сте психички спремни. Во тој случај, ги советуваме возачите добро да размислат за важноста и итноста на патувањето, а доколку е неодложно, да ги земат предвид алтернативните можности за превоз (автобус, воз, такси итн).

Совет број 5: Внимателно бирајте го местото за паркирање

Паркирањето во услови на мраз и снег е важен момент на кој треба да му се посвети големо внимание. Паркирањето општо претставува голем проблем за сите возачи, а посебно  во овој дел од годината. Најпрво, бидете смирени и без паника. Кога паркирате надвор од својата гаража, внимателно одберете место каде ќе паркирате и одбегнувајте паркирање на угорнина или надолнина. Стартувањето на возилото и неговото почетно движење е ризично особено за неискусните возачи. Секогаш бирајте порамни места за паркирање и доколку сте во можност поставете песок или тврд предмет под тркалата за да го олесните почетното вртење на тркалата. За оние возачи кои паркираат во гаража РСБСП потсетува: не го загревајте автомобилот во затворен простор поради опасниот и отровен јаглерод моноксид. Исто така, како возач, мора да знаете дека доколку возилото остане заглавено во снег, возачот треба да ги провери издувниуте цевки – ауспухот да не биде прекриен со снег. Блокираните издувни цевки може да предизвикаат навлегување на токсичниот јаглерод-моноксид во автомобилот .

РСБСП до сите возачи апелира да ги почитуваат дадените совети за да си го олеснат патувањето и безбедно да стигнат до саканата дестинација. Почитувајте ги ограничувањата на брзината, предупредувањата за условите на патот и запомнете, во зима треба да возите многу побавно и да ја прилагодувате брзината на условите на патот.

Бидете внимателни за вас и за оние околу вас, возете одговорно и секогаш чувствувајте се безбедно во вашите возила.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток