(ВИДЕО) Поплавени објекти, дворови и улици, се излеаа реки поради обилните врнежи
Согласно октомвриската координација и насоки (работен состанок на 7 октомври) на ниво на држава за превенција против годишните сезонски полави), во Центарот за управување со кризи (ЦУК) субјектите од Системот за управување со кризи – одговорните институции на национално, регионално и локално ниво, имаат добиено насоки по коишто постапуваат при обилни врнежи што нагло ги зголемуваат вододотеците, при порои, излевање и поплавување.
„Според добиените информации во Ситуациониот центар во ЦУК, обилните врнежи што се случија во текот на вчерашниот ден и ноќта, допринесоа до нагло зголемување на водостоите во реките, каналите и суводолиците, како и излевање на истите во села, населени места како и локални и регионални патни правци што ги поврзуваат истите во Западниот дел на Република Северна Македонија, поточно во Јужниот и Југозападниот плански регион.
Состојба по обилните врнежи од дожд на подрачјето на РЦУК Кичево и евакуација на семејства
Во текот на вчерашниот ден подрачјето на Општина Кичево беше зафатено од обилни врнежи од дожд, што предизвикаа излевање на каналот „Иванидол“ што доведе до поплавување на повеќе објекти, дворови и улици. Конкретно, тоа се:
-Куќи на ул. Борис Кидрич кај ветеринарна амбуланта „Зебра“ и поранешен „Атва Маркет“, поради затрупан канал од градежен шут и трева.
-Поплавени куќи, дворови и железара од кружниот тек на Магистрален пат Кичево-Охрид до кружен тек во близина на Општина Кичево на ул. „Борис Кидрич“.
-Поплавени подруми од стамбени згради на ул. „Борис Ќидрич“
-Дворното место на о.у. „Кузман Ј. Питу“, подрачно одделение на Државен просветен инспекторат и дел од ул. 4ти Јули во близина на споменатите објекти.
Градежна механизација ангажирана од Општина Кичево започна со чистење на каналот „Иванидол“ и отворање на изпуст за насочување на водите од коловозот во каналот. Подоцна се приклучи и механизација на Ј.П. Комуналец и од Ј.П. Студенчица.
-Поради излевање на „Зајашка река“ дојде до поплавување на објектите што се изградени во близина на реката на ул. „Прилепска“. Како резултат на поплавниот бран биле загрозени жителите што живеат во тие објекти.
-Денес увид ќе изврши Комисијата за процена на штети од Општина Кичево и во случај на потреба ќе се изврши евакуација на населението од тоа подрачје. Во таа насока, добиени се информации дека веќе има такви случаи и се евакуирани 30 семејства коишто се сместени во спортска сала „Христо Узунов“ во Кичево.
Како последица на заситување на почвата со вода, на повеќе земјоделски површини појавено е заезерување.
Излевање на реките Кушна и Црна во Општина Демир Хисар
Сообраќајот на патниот правец „Р 1305 – Мало Илино“ е во прекин поради поплавување. Поплавувањето е настанато од излевање на река Кушна во близина на мини хидроцентралата „Кушна“. На терен се излезени раководителот на РЦУК Демир Хисар заедно со градоначалникот на Општина Демир Хисар и лица од ЈКП „Комуналец“ за да извршат увид со цел да се интервенира со градежни машини за да се стави патот во повторна употреба.
Излевање има и на река Црна во делот на рибник „Граше“ при што е поплавено обработливо земјоделско земјиште во атар на с. Жван.
Инаку, како и што е познато во јавноста, навремената координација со субјектите во Системот за управување со кризи, Процените на Центарот за управување со кризи во однос на промените на хидролошката состојба со времето, како и јасните укажувања до надлежните институции, локалната самоуправа, водостопанските организации и слично во однос на воспоставување на нивната подготвеност и операбилност за навремено дејствување (превземање на мерки и активности) во делот на превенцијата , како првична фаза во однос на елиминирање на можноста од поплави се од елементарно значење во однос на поставување на цели и приоритети за превземање на нивна навремена активност за надминување на евентуални можни проблеми и штети. Како што веќе е познато во јавноста, во таа насока таа насока уште на 7 октомври во ЦУК со одржаниот состанок за координација, превенција, рано предупредување и справување со поплави со одговорните институции на национално, регионално и локално ниво, дадени се јасни насоки за постапување во состојба на јаки порои, обилни врнежи од дожд и зголемени количини на проток на вода во речните корита“, велат од Центарот за управување со кризи.