За „МЕПСО“ охридскиот регион има струја, за жителите доаѓа и снемува на половина час


„МЕПСО“ уверува дека го стабилизирале снабдувањето со струја во југозападниот дел на Македонија односно во општините Охрид, Струга, Дебрца, Дебар. Но, жителите велат дека и натаму има проблеми. Според нив, струја доаѓа и снемува на половина час до час. Тие велат дека и кога има струја, таа не е стабилна.
„Струја доаѓа, но светлата трепкаат и слабо светат. По некое време, пак снемува. Проблемот очигледно не е надминат, а постои опасност да се расипат и електричните уреди со ваков напон“, објаснува жител на Охрид.
Инаку, струја во овие делови на Македонија нема од утрово. Поради голем нанос на снег, паднале два далноводи.
„Во дефект се 110 киловолтните далекуводи на МЕПСО, Вруток-Шпиље и Битола -Ресен. Екипите на државниот преносен систем оператор МЕПСО се на терен за санирање на дефектите при отежнати временски услови“, кажаа од ЕВН.
