Македонија

Советот на ЕУ одржан вчера не даде зелено светло за отворање на преговорите, вели Снопче

Вчера, на ден 14 декември 2021 година, Генералниот совет на ЕУ составен од министрите за Европа, повторно не даде зелено светло за отворање на преговорите за членство на Северна Македонија врз основа на одлуката на Советот на ЕУ од 25 март 2020 година којашто одлука предвидува одржување на првата меѓувладина конференција по одобрувањето на преговарачката рамка предложена од Европската Комисија. Усвоените заклучоци на Генералниот совет на ЕУ сега преминуваат на ниво на лидери за одобрување од Европскиот совет на 16 декември каде што не се очекува некоја промена на одлуката, вели Халил Снопче од Алијанса за Албанците.

„Клучните пораки
– Алијанса на Албанците отсекогаш давала безусловна парламентарна поддршка за прашањата поврзани со евроинтеграциите и повикува на отворање на преговорите за членство на РСМ, бидејќи сметаме дека граѓаните не треба да бидат казнети за однесувањето на корумпираните и неодговорни политичари.
-Сепак, како што предупредивме, врз основа на нашите информации од дипломатските кругови, ниту Советот на ЕУ одржан вчера на ден 14 декември не даде зелено светло за отворање на преговорите.
-Без да сакаме да прејудицираме за исходот од европскиот самит и претстојните самити до крајот на годината, тоа што е воочливо од заклучоците на Советот на ЕУ објавени синоќа, се бројните критики упатени кон владата на СДСМ-ДУИ. Меѓу другото, во заклучоците на ЕУ се нагласуваат:
o) Недостатокот на независност и непристрасност на судството и потребата за вистински реформи во оваа област.
o) Проблемите во борбата против корупцијата.
o) Недовршената изборна реформа.
o) Политизацијата на јавната администрација и потребата за почитување на принципите на транспарентност, заслуга и правична и соодветна застапеност.
o) Недостатокот на парламентарен надзор над разузнавачките служби.
o) Повредата на слободата на изразување и безбедноста на новинарите.
-На крај, заклучоците на ЕУ изискуваат конкретни резултати во имплементацијата на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија.
-Се разбира, режимот ќе ја обвинува Бугарија и кого не. Но, граѓаните веќе ја знаат вистината и немаат никакви очекувања од оваа криминализирана власт којашто секој ден работи во спротивност од европските вредности. Сите овие 20 години тие се кријат позади европските интеграции за да си ги наполнат нивните џебови и да го осиромашат граѓанинот, додека, европските интеграции како стратешка цел на земјата ги претворија во фарса со нивните последователни неуспеси.
-Затоа, ние утре ќе го чекаме завршувањето на европскиот самит. Но, сега веќе се е јасно, доколку не се случи некое чудо во текот на следните денови, Северна Македонија ниту оваа година нема да обезбеди датум за отворање на преговорите и покрај лагите и бајатите измами и манипулирања со датуми од страна на личности на режимот и од тие што им се приклучуваат во име на европските интеграции“, додава тој.

На почеток