Деновиве од печат излезе новата книга на Ненад Јолдески насловена „Пливање спротиводно“. Се работи за 168 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ од Скопје, чие излегување е поддржано од Министерството за клутура на РМ. Авторот на две книги раскази (Штамата на Енхалон, 2009 и Секој со своето езеро, 2012) и добитник на Европската награда за книжевност (2016) овој пат се јавува со еден кус роман или новела, за која во поговорот Катица Ќулавкова напиша:
„Ненад Јолдески ги покажува своите вештини на опишување на урбаните и природните амбиенти и пејзажи, особено оние кои го сигнализираат нескриено присуството на Струга и струшкото крајбрежје. Тој ни нуди едноставна, но современа нарација која е интимно поврзана со неговото струшко-македонско ментално битие од каде што тој поаѓа во освојување на книжевниот свет и каде што се враќа за да му даде смисла на тој свој свет. Се враќа постојано назад, а всушност продолжува напред, преосмислувајќи ги парадигмите на враќањето врз параболата на јагулите. Раскажувајќи ја македонската сага врз предлошката на јагулите, на Охридското Езеро на Дрим. Река која не исчезнува“.