Македонија

„Детската градинка Волково“ е најуспешно реализирано архитектонско дело во 2021 година

Претседателот Стево Пендаровски ја врачи Големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2021 година „Детска градинка Волково“, Скопје на авторите Филип Конески и Даница Спасевска. Големата годишна награда е во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а претседателот Пендаровски е покровител на традиционалната манифестација.

Во своето обраќање претседателот Пендаровски говореше за критериумите и различните аспекти кои ги опкружуваат архитектите денес, соочени со предизвикот да реализираат успешно и естетско дело кое ќе му пркоси на забот на времето и ќе ја има во себе премисата – градба по мерка на човекот.

„Македонските архитекти често се соочуваат и со дополнителни предизвици – со барањата на инвеститорите, со апетитите на урбаната мафија или, како што имавме ситуација во време на едноумието, а и до пред некоја година, да треба да задоволуваат небулозни идеолошко-политички барања“ рече претседателот Пендаровски.

Во тој контекст претседателот Пендаровски ја нагласи потребата од овозможување услови архитектурата да ја исполнува својата примарна цел и да го облагородува просторот, но и нашите животи.

„Затоа, како заедница сме обврзани да придонесеме за творечката слобода и за професионалниот интегритет на македонските архитекти“, рече претседателот Пендаровски.

Честитајќи за годинашното најуспешно реализирано архитектонско дело, претседателот изрази уверување дека ќе ги надминеме сите предизвици наметнати од Ковид-19 и ќе можеме да се фокусираме на создавање и креирање, на творештво и градење.

На почеток