Свет

По три месеци заврши ерупцијата на вулканот на Ла Палма

Научниците денеска објавија крај на ерупцијата на вулканот Кумбре Виеја, на шпанскиот остров Ла Палма, која траеше речиси 100 дена.

Откако еруптираше на 19 септември, вулканот се смири на 13 декември, но властите чекаа до Божиќ за да прогласат крај на ерупцијата, пренесе Ројтерс.

– Она што сакам да го кажам денеска е со неколку зборови: Ерупцијата заврши – изјави денеска шефот на регионалната безбедност на Канарските Острови, Хулио Перез.

За време на ерупцијата, лавата уништила бројни домови, цркви и насади со банани, кои сочинуваат половина од приходите на економијата на овој остров.

Иако беа уништени многу згради, никој не загина.

Шпанската влада вети повеќе од 400 милиони помош за реконструкција на островот, но некои граѓани и компании се пожалија дека средствата пристигнуваат бавно, додава Ројтерс.

На почеток