Се трага по двајца исчезнати за време на шумски пожар во Денвер
Властите во Колорадо денеска објавија дека трагаат по две лица чие исчезнување е пријавено во предградието на Денвер за време на пожар кој уништи стотици домови, а илјадници остави без покрив над главата.
Портпаролката на локалните власти изјавила дека властите трагаат по две лица, не наведувајќи други детали, пренесе АП.
Пожарот за само неколку часа зафатил 6.000 хектари, и уништил стотици домови, а еден жител вели дека некои семејства во областа „изгубиле се“ и дека е чудо што никој не загинал.
Сега кога снегот почна да паѓа, надлежните велат дека не очекуваат пожарот да биде поопасен.
Луѓето почнаа да се враќаат во своите домови. Два шумски пожари предизвикани од силни ветрови избувнаа во четвртокот попладне во северниот дел на Колорадо, уништувајќи речиси 600 куќи и принудувајќи десетици илјади жители да се евакуираат.
Американскиот претседател Џозеф Бајден го одобри нацрт-законот со кој ќе се обезбеди федерална помош за погодените од катастрофи, а гувернерот на Колорадо Џаред Полис прогласи вонредна состојба, ослободувајќи средства за итни случаи при катастрофи и други ресурси за помош на државата, објави претходно Би-Би-Си.