Кина превентивно за ковид ќе тестира 10 милиони граѓани
Градот Харбин во североисточна Кина од понеделник ќе спроведе превентивен тест за корона вирусот на сите 10 милиони жители, иако официјално нема нови случаи на Ковид.
Градската власт на својот официјален профил на „Ви чет“ објави дека донела одлука за превентивно тестирање, имајќи предвид дека ќе следи еднонеделен одмор, кој официјално започнува на 31 јануари, пренесува Ројтерс.
„Случаи на локална инфекција со омикрон сој неодамна беа пријавени во многу градови, така што превенцијата и контролата мора да бидат многу ригорозни“, се вели во соопштението на градската влада на Харбин.
Градовите низ Кина воведоа построги ограничувања во последниве недели за да се обидат да го контролираат ширењето на вирусот, особено кога Пекинг се подготвува да биде домаќин на Зимските олимписки игри на почетокот на февруари.
Властите во многу кинески градови ги советуваа своите граѓани да останат дома за време на празниците или бараат од патниците да ги пријават своите патувања неколку дена пред пристигнувањето.