Македонија

Георгиевска: Со растот на минималната плата се зголемува продуктивноста, расте вработеноста

Со постигнувањето на договорот на синдикатите и работодавачите за покачување на минималната плата се реализира мерка која што директно го помага животниот стандард на работниците, во исклучително кризна година, а главниот фокус е финансиската поддршка на граѓаните, истакна од собраниската говорница пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска.

Таа нагласи дека со измените на законот за минимална плата, голем број на работници во различни индустрии, почнувајќи од мартовската плата ќе земаат 18.000 денари, или 61.8% од просечната плата во земјата, што претставува раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно.

Во изминатиов период од десетина години, од кога за првпат е воведена минималната плата, немаме намалување на вработеноста, туку, напротив, имаме еден постојан нагорен тренд на зголемување на вработеноста. Нема негативни, туку, напротив, има позитивни ефекти од зголемувањето на минималната плата. Растат продуктивноста и економијата, рече Георгиевска.

Таа нагласи дека не се отпуштаат вработените, не се намалува профитабилноста на фирмите.

Единствениот ефект е дека, кога ќе се зголеми минималната плата, фирмите стануваат попродуктивни и тоа е логично, зашто кога, ќе му ја зголемите платата на работникот ќе се чувствува позадоволен, ќе биде помотивиран и затоа ќе биде и попродуктивен. Практично, една од причините зошто продуктивноста е лоша, се токму ниските плати, порача пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска.

На почеток