Русија за прв пат призна дека претрпела загуби во Украина
Русија за прв пат призна дека нејзината армија претрпела загуби од почетокот на војната против Украина.
„Руските војници ја докажуваат својата храброст и херојство во извршувањето на специјална операција. За жал, меѓу нашите соборци има мртви и ранети“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков, пренесе руската агенција ТАСС.
Конашенков не даде никакви бројки, но нагласи дека загубите се многукратно помали од бројот на „истребени националисти“ на украинската страна.
Украина објави дека досега се убиени приближно 4.300 руски војници, но тие бројки не можат да се утврдат независно.
Украинските претставници побараа фотографии и видеа од убиените и заробените руски војници да бидат објавени на Интернет за да се докажат руските загуби.