„Предлог-законот за изменување на Законот за детска заштита е неприфатлив и паушален“, вели Тренчевска
Предлог- законот за изменување на Законот за детска заштита поднесен од Левица е неприфатлив и паушален фокусиран само на финансиската поддршка без да се земат во предвид останатите потреби на децата и лицата со попреченост, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
„Без анализи законските решенија се само популизам и ништо повеќе. Министерството работи на пакет мерки кои ќе значат финансиска поддршка и трајно решение, кои ќе придонесат за вистинско унапредување на лицата со попреченост. Во изминатиот период како министерство бевме во интензивна комуникација со здруженијата на родители на деца со попреченост и врз основа на нивните барања креираме пакет на законски измени и мерки кои значат унапредување на состојбата на децата и лицата со попреченост.
Во текот на утрешниот ден Министерството за труд и социјална политика подетално ќе ја информира јавноста за конкретните чекори кои ќе ги преземе, а со цел подобрување на правата, а со тоа и животниот стандард на лицата со попреченост“, вели таа.