Граѓаните на САД силно ја поддржуваат воената помош за Украина
Американците се повеќе ја изразуваат својата поддршка за народот на Украина, а официјален Вашингтон испраќа поголема помош во Киев, пишува Гласот на Америка.
Анкетите покажуваат дека Американците силно го поддржуваат новиот пакет помош од 33 милијарди долари, за кој претседателот на САД, Џозеф Бајден побара одобрение од Конгресот.
Тоа е додаток на 13,6 милијарди воена и хуманитарна помош одобрена од Конгресот минатиот месец. Американците ја поддржуваат и политиката на Бајден за прифаќање на украинските бегалци во САД и забрзување на тој процес.
Анкетата на Галуп, спроведена во првата половина на април, покажа дека 78 отсто од Американците поддржуваат прием на до 100.000 украински бегалци, што е најголем процент на поддршка за бегалците од 1939 година.
Помошта за бегалците е поддржана од гласачите на двете партии.
„Тоа не е контроверзно прашање. И во овој партиски поларизиран систем, невообичаено е повеќето републиканци и демократи да се согласат за нешто“, вели Лидија Саад, истражувач на Галуп.
Истражувањето на Ројтерс и Ипсос покажа дека 73 отсто од Американците ја поддржуваат одлуката на администрацијата за снабдување на Украина со оружје, што е најголема поддршка од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.
Има голема поддршка за воведување санкции против Русија. Неодамнешната анкета на AP и NORC покажа дека 54 отсто од Американците, главно републиканци и независни гласачи, сакаат Бајден да наметне уште построги мерки кон Москва.
Некои од причините за зголемената поддршка на Американците се брзата ескалација на конфликтот, геополитичките последици и раселувањето на милиони луѓе за многу кратко време.
Многу Американци, особено демократите, гледаа на Москва како нарушувачки фактор на изборите во 2016 година, кога победи Доналд Трамп.
Моќно лоби имаат и околу милион Американци со украинско потекло, што се чувствува во двопартиската поддршка во Конгресот, а потоа и во брзото одобрување на милијарди долари хуманитарна и воена помош за Киев, пишува Гласот на Америка.