Македонија

Пратеникот Ристевски кој има кривична пријава да си поднесе оставка, бара СДСМ

Оставка да си поднесе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески од Прилеп, против кого Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вели СДСМ.

„Ристески се сомничи дека во периодот од октомври 2015 до август 2017 година, како директор на прилепската болница, без да распише тендер, набавил 190.000 килограми мазут, во вкупна вредност од околу 5.500.000 денари.

Народниот избраник Ристески нема ниту храброст, ниту доблест да се откаже од пратеничкиот имунитет и да им се стави на располагање на правосудните органи, туку се крие зад нарачани изјави на советници од неговата партија, кои безуспешно се обидуваат да ги забошотат фактите и бројките изнесени во кривичната пријава и да го бранат она што ниту смее, ниту може да се брани.

Тоа е криминалната матрица на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот селективен пристап кон борбата против корупцијата и криминалот.

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, кој се луксузира во незаконски стекнатата Бела палата, за која судот наложи конфискација, да побара оставка од својот сопартиец.

ВМРО-ДПМНЕ треба да се соочат со реалноста дека правда има и правда мора да има, а секој што го прекршил законот мора да одговара“, се вели во соопштението.

На почеток