Киев призна дека има потешкотии во борбите на истокот на Украина
Официјален Киев призна дека има потешкотии во борбите на истокот на Украина откако руските сили ја окупираа територијата долж фронтот во тој дел од земјата.
Гувернерот на украинската област Луганск, Серхиј Гајдаи, каде се случуваат најсилните руски напади во последните недели, изјави дека ситуацијата од понеделникот вечерта е „исклучително тешка“ на целата линија на фронтот.
„Руската армија концентрираше доволно резерви за да започне офанзива од големи размери“, изјави Гајдаи на украинската телевизија.
Тој наведе дека руските сили контролираат дел од градот Северодонецк, освен хемиската фабрика Азот, каде со недели се кријат стотици цивили, а под постојано гранатирање е и патот што ги поврзува Северодоњецк и соседниот Лисичанск со градот Бахмут.
„Лисичанск е под силно руско гранатирање цел ден. Засега е невозможно да се одреди бројот на жртвите“, рече украинскиот гувернер, нагласувајќи дека гранатирањето е можеби најтешкото што градот го доживеал досега.
Родион Мирошник, амбасадорот на самопрогласената Луганска народна република во Русија, рече дека нејзините сили „се движат од југ кон Лисичанск“, со огнени престрелки што избувнаа во многу околни градови.
„Следните часови треба да донесат значителни промени во односот на силите во таа област“, рече тој на Телеграм.
Во неделата, украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека може да се очекува дека руските напади ќе се интензивираат оваа недела, пред одлуката на ЕУ да и додели кандидатски статус на Украина на самитот во четврток и петок.
Војната влезе во брутална фаза на исцрпеност во последниве недели, при што руските сили ги концентрираа дејствата на нивната артилерија на џебот на Донбас контролиран од Украина, според Ројтерс.