Одговорот на Бесими за инфлацијата е осиромашување на граѓаните и одврзани раце за газдите, вели Левица
Според Министерот за финансии Фатмир Бесими, за надминување на инфлаторната криза, во негови зборови – иако политички е многу непопуларно, препораките се да се дозволи да делуваат пазарните сили на понудата и побарувачката. Тој аргументира, дека за на најранливите категории и не се препорачува намалување на даноците за горива и храна, туку обезбедување на социјална сигурност на најранливите категории на граѓани, затоа што во спротивно, би се субвенционирале и оние на кои не им е потребна поддршка, вели Левица.
„Акцизите се природно класно антагонизирачки, бидејќи влијаат на сиромашните и богатите на различен начин, односно ги погаѓаат пониските слоеви дополнително. Точно е дека при намалувањето на акцизата, таа ќе се намали и за богатите слоеви, но, вистинска левичарска влада буџетот би го дополнила со прогресивен данок и класно позитивни политики, и не би се служела со економски практики на десницата.
Бесими тврди дека одлуката за привремениот пакет на фискални мерки од почетокот на годината била во насока на успорување на инфлаторната спирала. Макроекономските показатели говорат нешто сосема друго. Стапката на инфлација постојано расте, од 6,7% во јануари се зголеми на 11,9% во мај. Владата не ја намали вредноста на основните производи и услуги, туку напротив, цените постојано растеа, иако дел од нив беа ослободени од ДДВ, а паралелно се спроведуваше и замрзнување на маржите.
Иако приходите од данок на доход растат во новиот ребаланс на буџетот, нивниот удел во приходите останува ист. Тоа што расте е уделот во приходите од ДДВ на 27.7% – удел кој во изминатите години не надминуваше 26.5%. Овој раст од еден процентуален поен на уделот на ДДВ е директен показател дека пазарот, кога е остасвен нерегулиран, единствено ги покачува цените на продуктите, додека платите остануваат на истото ниво.
Од 1-ви јуни, граѓаните се соочија со нови поскапувања, но владата веќе нема да чека цените да пораснат, за да преземе мерки за нивно регулирање, туку цените слободно ќе се формираат, ќе растат, а со ценовниот шок ќе се зголемува бројот на граѓани во категоријата ранливи.
Додека цените го пробиваат плафонот, владата најавува антикризни мерки дури со донесување на ребалансот на буџетот за поддршка на ранливитге категории на граѓани и раст на пензиите. Во услови на светска економска криза, недозволиво е за основните производи да влијаат само пазарните сили, затоа што пониската понуда може да биде предизвикана и со пониско производство, а со тоа се забавува економската активност, која ќе влијае на покачувањето на цените, зголемување на невработеноста и инфлацијата. Владата не е доследна во формирање на цените на нафтата и не ја следи цената при нејзино намалување на светските берзи.
Улогата на државата во оваа ценовна и енергетска криза продолжува да биде во одбрана на интересите на крупниот капитал и на олигархијата. Безимотниот и работниот народ се оставаат на цедило, ко да немаат своја татковина и ко да не треба да очекуваат државата да се погрижи за нив.
Во вакви услови на масовно осиромашување, нужно е да ја отфрлиме тезата дека вака конструираниот државен апарат е нешто повеќе од алатка за опресија и држење под контрола на безимотните, сиромашните и работниците. Ваквиот државен апарат не може да се поправи – тој мора од корен да се реконструира, како би се срушиле капиталистичките темели на кој тој е поставен и би започнача нова ера.
Ера во која државата ќе работи за народот и ќе ја казни олигархијата секој пат кога таа ќе се обиде да приграби дел од колачот кој чесно му припаѓа на оној што вложил свое време, труд и пот“, се вели во соопштението.