Од септември таблети за учениците во Аеродром
Согласно со изборната програма на градоначалникот Тимчо Муцунски и заложбата за осовременување на образовниот процес, секое дете што посетува настава во четврто одделение во основните училишта во Општина Аеродром, во новата учебна година ќе добие бесплатен таблет.
Предвидено е над 800 дечиња да добијат таблет, со што се остварува ветувањето за модерно и современо образование за секое дете во Аеродром. Со оваа мерка, покрај тоа што ќе значи помош за родителите и семејниот
буџет, истовремено ќе се подигне и свеста за дигитализацијата и модерните предизвици. Овој проект ќе се имплементира секоја година и претставува континуиран процес што ќе им помогне на најмладите полесно да го совладаат образовниот процес.
Општина Аеродром во изминатите неколку месеци стави посебен акцент на инвестициите во образованието. Во сите училишта учениците добија смарт-табли, на крововите беа поставени фотоволтаици, а неколку други училишта добија нова фасада, проширување на капацитетите и реновирање на просториите. Најмладите се наш врвен приоритет и овие инвестиции ќе продолжат и во иднина.