Македонија

Спасовски го отвори ФИС „Ролер ски купот Тоше Проески“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го отвори ФИС „Ролер ски купот Тоше Проески“. Претходно го посети вечното почивалиште на Тоше Проески, при што положи свежо цвеќе.

Ви го пренесуваме обраќањето на министерот Спасовски во целост

Почитуван г-дин Сокле, претседател на Организациониот одбор на ФИС Ролер ски куп „Тоше Проески“,

Почитуван г-дин Христоски, градоначалник на Крушево,

Почитуван г-дин Мојсоски, директор на Агенција за млади и спорт,

Почитуван г-н Пановски, претседател на Скијачката федерација,

Драги гости и натпреварувачи,

Драги домаќини – Крушевчани,

Почитувани гости,

Почитувани пријатели – почитувачи на делото на Тоше Проески,

Дами и господа,

Дозволете ми, во свое и во име на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, да се заблагодарам на организаторите за укажаната чест повторно да бидам дел од овој убав спортски настан, кој низ годиниве прерасна во традиција – ,ФИС Ролер ски купот кој ги чествува името и споменот на нашата музичка легенда Тоше Проески, ги негува спортската култура и современите спортски трендови и нѐ враќа одново секоја година во гостопримливото Крушево.

Денешниов настан во сите нас, колку што ја буди гордоста, во иста мерка потсетува на непреболот за еден прерано згаснат млад живот, за една од најмаркатните личности во македонската понова историја – нашиот Тоше Проески. Сите ние сме бескрајно благодарни на неговото безвременско музичко творештво, на неговите песни, на гласот што ја плени Македонија, целиот Балкан, што силно затропа пред вратите на Европа и светот, демонстрирајќи го моќно грандиозниот од Бога даден талент.

Овој традиционален спортски хепенинг „ФИС Ролер ски куп“ не може да го надомести ненадоместливото, но може да ја продолжи започнатата мисија на нашиот Тоше – да ги поврзува луѓето со својата харизма, хуманоста и големата, а скромна душа, но и преку универзалниот јазик кој го негуваат и музиката и спортот.

Како победа над заборавот на ликот и делото на Тоше, оваа манифестација нѐ потсетува и на бескрајното чудо на човечкиот талент, работата, упорноста и силната верба што така супериорно Тоше ни ги даруваше и ги споделуваше со сите нас, а ги остави како мисија за идните генерации.

На натпреварувачите кои ќе учествуваат на годинешниот куп им посакувам успеси, но покрај резултатите, им посакувам незаборавни впечатоци и спомени поврзани со нашата традиција, историја и култура, бидејќи со промовирање на Крушево и нашата земја, ја продолжуваат улогата на Тоше на вистински амбасадор насекаде низ светот, човек кој колку што се афирмираше себе си, уште повеќе ги афирмираше својот народ, родниот крај и својата земја.

На крајот би сакал уште еднаш во свое и во име на Министерството за внатрешни работи, да го поздравам отворањето на годинашниов куп посветен на споменот на Тоше, притоа посакувајќи им на организаторите уште една успешна манифестација. Благодарам.

На почеток