Свет

Од октомври цените на енергенсите во Британија повисоки за 80 отсто

Цената на енергијата за британските потрошувачи ќе биде зголемена за 80 отсто од октомври, објави денеска енергетскиот регулатор Офгем.

Најавеното зголемување на цената ќе ги зголеми годишните сметки на британските домаќинства на 3.549 фунти (4.188 долари), пренесува Reuters.

Главниот извршен директор на Офгем, Џонатан Брерли, изјави дека новиот британски премиер ќе мора итно да се справи со прашањето за растот на цените на енергијата, предупредувајќи на нивно веројатно дополнително зголемување.

„Премиерот, со неговиот тим министри, ќе мора да дејствува итно и решително за да се реши ова. Сите ние заедно со владата мора да се вклучиме во овој проблем и да најдеме решение во име на клиентите“, изјави тој за радиото.Би-Би-Си.

Веста за поскапувањето на енергенсите ја објавија официјални лица, синдикални лидери, претставници на здруженија за заштита на потрошувачи и други.

Министерот за финансии Надим Захави рече дека континуирано работи на изнаоѓање опции за натамошна поддршка на потрошувачите.

„Тоа значи дека новиот премиер може веднаш да преземе акција и да им даде поддршка на оние на кои им е најпотребна, што е можно поскоро“, рече тој.

Рејчел Ривс, портпаролка за финансии од опозициската Лабуристичка партија, смета дека ова зголемување е неверојатно загрижувачки.

„Не можеме повеќе да чекаме да реагираме. Ова е вонредна состојба во земјата. Ториевците сега мора да ги замрзнат цените на енергијата за домаќинствата да не плаќаат ниту денар повеќе за зимата“, рече таа.

Генералниот секретар на Конгресот на синдикати, Френсис О’Грејди, предупреди дека милиони луѓе ќе се соочат со банкрот во следните месеци.

„Зголемувањето на цените на енергијата ќе биде удар за семејните буџети и ќе турка многу домаќинства во сиромаштија. Министрите мора веднаш да го откажат ова катастрофално поскапување. За да се осигура дека енергијата е достапна за сите, компаниите за трговија со енергија на мало треба да се префрлат во јавна сопственост “, вели таа.

На почеток