„Сите оние коишто примаат некакви субвенции од државата, имаат обврска да даваат отчет за начинот на трошење“, вели Грковска
„Има многу забелешки на тоа како сега е регулирано доделувањето на ваучерите во спортот. Станува збор за големи средства, кои за жал, многу често не се користат за намената за која се доделени. Имајќи предвид дека сега, во оваа фаза се прават измени на Законот за спорт, сите заклучоци од првите две тркалезни маси коишто ги организиравме ќе ги вградиме во новите законски решенија, заедно со Министерството за правда, Агенцијата за млади и спорт, која е наш партнер во целата оваа фаза и секако со Државната комисија за борба против корупцијата“, изјави заменик-претседателката на Владата задолжена за креирање на политики за добро владеење Славица Грковска во интервју за „Макфакс“.
Зборувајќи за корупцијата во спортот и ангажманот кој во тој дел го презема нејзиниот кабинет, Грковска истакна дека редефинирањето на системот за ваучери нема да има импликации само кај финансиите, туку тоа ќе значи и голема поддршка за младите спортисти кои до сега се откажале од спортот токму поради корупцијата.
„Сите оние коишто примаат некакви субвенции од државата, спортските субјекти, пред се спортските национални федерации, треба да бидат свесни дека сите што користат средства од буџетот имаат обврска да даваат отчет за начинот на трошење“, потенцираше Грковска.
Во однос на етичкиот кодекс за избрани и именувани функционери, за чие спроведување е задолжен токму Кабинетот за креирање на политики за добро владеење, Грковска нагласи дека до сега се организирани обуки за над 140 функционери.
„Етичкиот кодекс не е закон, за него нема прекршочни одредби. Тој содржи правила на однесување коишто се очекуваат од избраните и именуваните функционерите. И токму за тоа, за поткревање на свесноста за тоа што се очекува и како граѓаните очекуваат да се однесува еден функционер со интегритет, ние заедно со УСАИД ги организиравме обуките за интегритет за над 140 избрани и именувани функционери“, информираше Грковска.