ВМРО-ДПМНЕ да ги одблокира законите што ги кочи со месеци, вели СДСМ


Во период на светска економска и енергетска криза нема време за собирање ситни политички поени, туку е потребна посветеност и работа од сите општествени и политички чинители, вели СДСМ
„Затоа е потребно ВМРО-ДПМНЕ да покаже конструктивност и да почне со работа во интерес на граѓаните.
Партијата предводена од Христијан Мицкоски во Собранието треба да ги одблокира законите што ги кочи со месеци, а се во интерес на граѓаните и полесно пребродување на енергетската криза.
Во соодветните комисии и на пленарните седници треба да бидат одблокирани Законот за задолжување во Европската банка за обнова и развој од 100 милиони евра, кој што обезбедува ликвидни средства по исклучително поволна каматна стапка за работењето на ЕСМ во услови на криза.
Потоа Законот за енергетика и неговите соодветни измени и Законот за нафта и нафтени резерви, како и за спроведување на одлуката за распределба на финансиски средства, односно кратење на финансиски средства во деловите на Буџетот коишто се со помал процент на исполнетост и нивна прераспределба кон ставки коишто се однесуваат на справување со енергетската криза.
Справувањето со последиците од кризата бара заедничка работа и посветеност, еве можност ВМРО-ДПМНЕ да покаже конструктивност и да стане дел од процесот на решенија за надминување на последиците од кризата“, се вели во соопштението.
