Напад со нож во Лас Вегас, загинаа две лица
Две лица загинаа, а шест други се повредени во напад со нож во казино во Лас Вегас Стрип.
Напаѓачот набрзо бил уапсен, а жртви биле туристи и локални жители, соопшти полицијата, пренесе Ројтерс.
Осомничениот е маж на околу 30-ти години, а властите рекоа дека работат на потврдување на неговиот идентитет.
Од двајцата убиени, едното лице починало на местото на нападот, а другото во блиската болница. Од шесте хоспитализирани, тројца се во критична состојба. Нападот се случил на тротоар во просторот на казиното, а полицијата соопшти дека засега не е познат мотивот на осомничениот.
Лас Вегас е познат по своите казина, атракции и ноќен живот, а во октомври 2017 година го доживеа најсмртоносното масовно пукање во модерната историја на САД.
Снајперист уби 60 луѓе кога отвори оган од хотел врз толпата која присуствуваше на музички фестивал на отворено.