Пјонгјанг: Никогаш сме немале трговија со оружје со Русија, САД се обидува да го наруши имиџот на Северна Кореја
Северна Кореја денеска објави дека никогаш не правела бизнис поврзан со оружјето со Русија и нема такви планови.
Реакцијата дојде откако САД тврдеа дека Пјонгјанг ја снабдува Москва со артилериски гранати за војната во Украина.
Портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби претходно изјави дека артилериската муниција од Северна Кореја доаѓа во Русија како тајна пратка за Блискиот Исток или Африка и дека станува збор за „значителен број артилериски гранати“, пренесува Ројтерс.
Официјален претставник на севернокорејското Министерство за одбрана ги нарече обвинувањата како гласини и рече дека Пјонгјанг „никогаш немал трговија со оружје со Русија“ и „нема планови да го прави тоа во иднина“, објави КЦНА. Во соопштението се наведува дека Пјонгјанг ваквите „гласини“ ги гледа како дел од „непријателскиот обид на САД да го наруши имиџот на Северна Кореја на меѓународната сцена“.
Секоја помош во оружје дополнително ќе ги продлабочи односите меѓу Пјонгјанг и Москва, чија изолација расте поради војната во Украина, а Северна Кореја е една од ретките земји што ја призна независноста на отцепените региони на Украина и изрази поддршка за нивната анексија кон Русија, според Ројтерс.