Свет

Лукашенко ги посети руските војници: „Подготвени се“

Александар Лукашенко го посети 230. комбиниран полигон Обуз-Лесно на Западната оперативна команда на копнените сили во регионот Брест во Белорусија.

Претседателот на Белорусија го посети полигонот каде меѓу другото е стациониран рускиот дел од комбинираните трупи, пренесува РИА Новости.

Заменик-министерот за одбрана на Белорусија Андреј Жук изјави дека заедничките белоруско-руски регионални трупи се подготвени да ја одбранат сојузната држава.

Претставник на руските вооружени сили му рекол на Лукашенко дека руските „единици, заедно со единиците на вооружените сили на Република Белорусија, спровеле вежби, командна и штабна обука како дел од обуката на сојузничките сили на полигоните на Белорусија“. Според неговите зборови, руските единици се подготвени да ги извршат поставените задачи, а тој и се заблагодарил на белоруската страна за помошта во обуката.

Агенцијата потсетува дека на 10 октомври минатата година, белорускиот и рускиот претседател Александар Лукашенко и Владимир Путин се договорија за распоредување на регионални трупи поради влошувањето на ситуацијата на западните граници.

Министерството за одбрана на Белорусија вчера соопшти дека, заради воената безбедност на сојузната држава, продолжува постепеното зајакнување на регионалната групација на трупите на Белорусија и Руската Федерација. Се додава дека во Белорусија ќе продолжи да пристигнува персонал, оружје, воена и специјална опрема на вооружените сили на Руската Федерација.

На почеток