Родилката од Дебар: Барав сопругот да да ме однесе во друга болница, не дома, како што рече сестрата
Родилката од Дебар, Јалдз Веапоска, која по царски рез, остана без матка, бубрег и јајчник во струшката болница, од денешното судење за нејзиниот случај излезе со дополнителна горчина оти смета дека сестрата Сарита Пешиноска сведочела во корист на обвинетите. Веапоска вели дека она што го кажала сестрата било само делумно точно.
„Таа рече дека сум сакала да си одам дома, ама кој човек со болки сака да си оди дома? Се сеќавам на сестрата многу добро. Таа ми помагаше, ми го причува бебето оти јас бев во ужасни болки, ми го подаде телефонот за да му се јавам на сопругот. Јас зборував со сопругот, не со неа, како што таа прикажа. Барав да дојде да ме земе од таа кобна болница и да ме однесе во друга, некаде каде што ќе ми помогнат оти тука сè полошо ми стануваше. А таа претстави дека нејзе сум ѝ кажала дека сакам да си одам дома. Јас не бев во состојба за дома. Му кажав дека не сум добро, дека умирам и дека мора да ме однесе некаде каде што ќе ми укажат помош. Ми се слоши и додека разговарав со сопругот, ми падна телефонот. Во ниеден момент не барав од неа да ме пушти од болница. Потоа се случи операцијата, која ме остави инвалид“, вели Веапоска.
На денешното судење медицинската сестра на гинеколошкото одделение во струшката болница, Пешиноска, која ја подготвила Веапоска за операцијата, при што ѝ беа извадени органите, сведочеше дека непосредно пред операцијата Веапоска рекла дека се чувствува добро и сака да си оди дома, но таа повикала лекар, ја задржале и ја оперирале.
Следното судење е на 21 јуни кога треба да сведочат вештаците од Институтот за судска медицина, од кои Веапоска очекува да ја кажат вистината и да ја лоцираат вината за извадените органи.
Веапоска остана без органите по породувањето со царски рез во 2020 година во болницата во Струга, а судењата за нејзиниот случај почнаа годинава. Првообвинет е Мухамед Асани, гинеколог акушер, кој тогаш беше директор на болницата, потоа неговиот син Блерим Асани, специјализант по гинекологија и акушерство, и Лилјана Јовановска, лекарка гинеколог акушер, која била дежурна кога се случила операцијата.