Македонија

Ахмети ќе оди кај Агелер за објаснување за одлуката за Мерко

Демократската унија за интеграција веќе три мандати го кандира Рамиз Мерко за градоначалник на Струга, кој од вчера е на црната листа на САД. Во ДУИ се шокирани од одлуката на Стејт департментот, но велат дека ќе ја анализираат во наредните денови, пишува порталот Лидери.мк.

Високи извори од ДУИ за порталот велат дека во наредните денови се очекува средба на претседателот на партијата Али Ахмети со американскиот амбасадор или заменик амбасадор во Скопје. По тој состанок Ахмети ќе одлучи дали ќе бара оставка од Мерко од функцијата градоначалник и нови избори во Струга или не, велат од ДУИ за порталот Лидери.мк.

Според изворите од ДУИ, ако Ахмети побара оставка од Мерко, а овој одбие, постои можност и официјално да биде исклучен од партијата. „Во тој случај Мерко може да го продолжи мандатот како непартиски градоначалник“, велат од ДУИ, појаснувајќи дека немаат правен механизам да го принудат Мерко да поднесе оставка, доколку не го направи тоа доброволно.

Вчера и амбасадорката на САД во Македонија Анџела Агелер за прогласувањето за непожелна личност за САД на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од  Стејт департментот, поради корупција, рече дека „народот на Македонија заслужува интегритет од своите јавни функционери и систем којшто ќе ги смета за одговорни“.

На почеток