Актерот Никола Ристановски е годинешниот добитник на наградата „Александар Лифка“


Maкедонскиот актер Никола Ристановски е добитник на наградата „Александар Лифка“ во регионална категорија на 30-тото издание на Фестивалот на европски филм Палиќ.
Покрај Ристановски, наградата ја добија и српскиот актер Богдан Диклиќ за исклучителен придонес во европската кинематографија и режисерот Андреас Дрезен во категоријата странски дела.
На фестивалот кој ќе започне денес, покрај главната селекција и натпреварувачката селекција, ќе бидат прикажани филмови и во неколку други селекции.
Македонија ќе се претстави со шест филмови: „Чисто човечки“ на Игор Иванов, „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска, „Исцелител“ на Ѓорѓе Ставрески, „Мими“ на Даријан Пејовски, „Снежана на крајот мора да умре“ од Кристијан Ристески и „Сестри“ од Дина Дума.
Филмовите ќе се прикажуваат од 16 до 21 јули, а програмата се реализира во соработка со Агенцијата за филм. Европскиот фестивал е еден од најважните настани во Србија, меѓу најважните филмски фестивали во регионот и еден од ретките во светот со 100-процентна европска содржина.
Има за цел да ги претстави најквалитетните достигнувања на современата европска кинематографија и да ја негува традицијата на авторскиот и уметничкиот филм за да придонесе за културниот живот на целиот регион. Годинава се очекуваат да учествуваат над 150 филмски професионалци од Србија и странство.
