За 30 отсто се зголемуваат платите на вработените во УЈП
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, денеска во емисијата „SummerClick“ на ТВ21.рече дека во петокот е постигнат договор со синдикатот и вработените во УЈП ќе добијат покачување на платите.
„Во петокот беше потпишан колективен договор меѓу синдикалната организација и УЈП и беше добиено позитивно мислење од Министерството за финансии“, рече Лукаревска.
На прашањето кога ќе добијат покачување на платите, Лукаревска нагласи дека од следната недела платите ќе се исплаќаат со покачување од 30 отсто. Таа појасни дека договорот е постигнат на колегијален, транспарентен начин и преку решавање спорови.
Триесет отсто повисоки плати или генерален штрајк и блокада на даночниот систем и исплатата на плати. Ова беше условот на синдикатот на вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) кој го достави минатиот месец до Министерството за финансии. Процедурата за генерален штрајк беше почната со претходење на процес на медијација.