Тројца матуранти креираа паметна ракавица која го „чита“ знаковниот јазик на глувонемите и го претвора во текст


Владимир Донев, Владимир Вешоски и Никола Бансколиев се тројца матуранти од скопското електротехничко училиште „Михајло Пупин“ кои, заедно со својата професорка Стефана Христовска, креираа паметна ракавица, која го „чита“ знаковниот јазик и го претвора во текст. Идејата на оваа иновација, велат матурантите, е да им ја олесни комуникацијата на сите глувонеми лица и да им овозможи многу полесно да се разберат со лицата кои можат да слушаат и да зборуваат, а не го разбираат знаковниот јазик.
Во интервју за Иновативност, еден од тројцата матуранти, Владимир Донев, вели дека во план им е да ја доусовршуваат нивната иновација, ракавицата да ја направат уште повеќе достапна за користење за лицата со оштетен слух и говор и да продолжат со своето образование и креирање на нови проекти.
Влатко, кажи ни нешто повеќе за вашата иновација, паметна ракавица со која се комуницира со глувонеми лица.
Паметната ракавица е наша иновација која ги преведува знаците од знаковниот јазик на глувонемите лица со помош на флекс сензори и забрзувач (accelerometer). Вредностите на флекс сензорите варираат со движењето на прстите и стисокот, со што на дисплејот се појавува саканата буква, а улогата на забрзувачот е да ја одредува позицијата и аголот на раката. Во комбинација на двете ракавицата има можност да преведува букви, исто како и цели зборови и фрази.
Како дојдовте на идеја да креирате ваков тип на помагало, која беше вашата инспирација?
Секоја учебна година Џуниор Ачивмент Македонија организира натпревар за најдобри ученички компании на кој учествуваат ученици од средни училишта. Сите ученички компании треба да понудат производ или услуга, а после неколку фази од натпреварот само најдобрите одат во финале кои се претставуваат пред жири комисија и на штандови. Идејата беше на нашата професорка Стефана Христовска која го состави тимот и предложи да изработиме паметна ракавица за лицата со оштетен слух и говор со која ќе учествуваме и на натпреварот. Сакавме на овие луѓе да им овозможиме полесна комуникација, а притоа и да направиме нешто иновативно и практично. Секој во тимот имаше различна задача при изработката и тоа беше големо искуство за нас. Научивме многу работи и мило ни е што ја прифативме идејата.
Целото интервју можете да го прочитате тука
