ЦУК: По целовечерна борба на пожарникарите локализиран и вториот пожар кај с. Брушино
Регионалнниот ЦУК Велес извести дека и вториот пожар кај с. Брушани, Општина Кавадарци, реон каде што вчера пожарникарите интервенираа во два наврата – во 17:30 и во 21:30 часот, е локализиран утрово во 04.00 часот, 14.08.2023 година по целовечерен постојан ангажман на пожарникарите од ТППЕ Кавадарци и тимот на подружницата „Бор“ на ЈП „Национални шуми“. Известено е дека во моментот нема потреба од ангажирање на хеликоптери, иако во текот на гасењето била во опција и барањето за ангажирање воздухоплови заради сериозноста на пожарот и заради непристапниот терен.
Инаку, вчера попладне, во 17:30 часот, беше добиена првата пријава за шумски пожар кај с. Брушани. каде што горела нискостеблеста шума и сува трева на површина од 4 хектари. Во гаснењето на пожарот интервенирале 6 пожарникари со 2 ПП возила од ТППЕ Кавадарци, 4 лица со 1 теренско возило од ЈП „Национални шуми“ подружница „Бор“ од Кавадарци. Пожарот на таа локација е изгаснат во 19:00 часот.
Но, потоа, во 21:30 часот, добиена е дојава дека повторно кај с. Брушино, само на различно место од претходното најверојатно е препален пожарот покрај Тиквешкото езеро, Општина Кавадарци. Интервенираат 8 пожарникари со 2 ПП возило и една екипа од ЈП „Национални шуми“ подружница „Бор“ од Кавадарци. Пожарот се простирал на непристапен терен и горела смрека.
Ако интервенцијата на противпожарните единици не дала резултат, се очекувало од градоначалникот од Општина Кавадарци да биде доставено барање до ЦУК за ангажирање воздухоплови за гаснење на пожарот. Но, по целовечерен постојан ангажман на пожарникарите од Кавадарци и тимот на „Национални шуми“ од подружницата „Бор“, пожарот кај с. Брушино, Општина Кавадарци е локализиран во 04.00 часот утрово, денеска 14.08.2023 година. Известени се СИКС на МВР дека во моментот нема потреба од ангажирање на хеликоптери.