Македонија

Бухова за „Онкологија“ Немало поплаки за недадена терапија или незадоволство од лекување, ниту најава по допрен глас за злоупотреба на лекови

Ексдиректорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, одговараше на прашања и дилеми кои ги имаше Анкетната комисија за случајот „Онкологија“.

„Во тек на мојот мандат, стасани се четири претставки од пациенти, извршени се четири вонредни инспекциски надзори. На сите подносители им е одговорено. Во тек на моето директорување, Министерството за здравство нема побарано вонреден инспекциски надзор на Клиниката за онкологија. Секој надзор завршува со записник, кој го потпишува инспекторот кој го врши надзорот и лицето одговорно присутно на надзорот од Клиниката. Сите записници се потпишани од двете страни“, кажа Бухова.

Објасни дека сите инспекциски надзори по барање на пациенти.

„Трите се незадоволство од однесување на одредени доктори, а едниот надзор заврши со непронаоѓање на пациент кој наводно го поднел барањето за вонреден инспекциски надзор. За еден од надзорите, инициран е стручен надзор, бидејќи ДСЗИ нема законска моќ да ја цени стручната работа и лекувањето на одредени пациенти. ДСЗИ ја контролира евиденцијата, медицинската евиденција – но што докторите ќе запишат како терапија, не е во ингеренција на ДСЗИ“, додаде Бухова.

Во пет години, додека Бухова раководела со инспекторатот, немало ниту една претставка, а ниту најава по допрен глас за злоупотреба на лекови или неправилно лекување на клиниката, кажа таа.

„Во ДСЗИ, постои секој документ, архивиран, за секој надзор. Зошто не ви се доставени, не знам. Јас не сум таму. Можам да ви доставам јас што имам, од надзори кои сум ги барала јас. Поканата за ова мое присуство на оваа седница ја добив пред помалку од 40 часа, мора да сфатите дека не можев да обезбедам ниту тоа што мене ми е потребно, за да бидам исцрпна и да одговарам и на вашите прашања. Се што прави ДСЗИ, има сериозна архива. Секој записник и издадено решение. Решението со архивски број го има на секоја клиника“, додаде Бухова.

Ексдиректорката посочи дека секое инцирање на стручен надзор завршува кај министерот за здравство, но не треба ДСЗИ да добие повратен одговор за спроведувањето на истиот.

„Нема во мое надзор кој би се однесувал на дадена или недадена терапија или незадоволство од лекување. Тоа и да стасало, ќе го пренасочивме на друго место, бидејќи лекувањето не е во наши ингеренции“, кажа ексдиректорката.

На почеток