Потврдено: Алкараз и Надал ќе играат двојки на Олимписките игри
Последниот шампион на Ролан Гарос, Карлос Алкараз и најодликуваниот шпански тенисер на сите времиња, Рафаел Надал, ќе играат во двојка на Олимписките игри, потврди селекторот на Шпанија, Давид Ферер.
Освен Надал и Алкараз, Шпанија во Париз ќе ја претставуваат Пабло Карено Буста, Алехандро Давидовиќ Фокина и Марсел Гранољерс во машка конкуренција.
Во сингл ќе играат и Надал и Алкараз.
Вториот тим во двојки ќе го сочинуваат Гранољерс и Карењо Буста или Давидовиќ Фокина.
Фановите на Шпанија и сите љубители на тенисот со нетрпение чекаа да ја видат иднината на шпанскиот тенис и онаа која полека ја напушта сцената, рамо до рамо.
Надал и Алкараз си ја исполнија желбата.
Карлитос е во врвна форма, неодамна го крена трофејот на Ролан Гарос и е полн со самодоверба, а ќе биде интересно да се види како ќе работи со Надал кој полека ги брои последните месеци од кариерата.
Тенискиот турнир во Париз кој секако ќе се одржи на терените на Ролан Гарос започнува на 27 јули и ќе трае до 4 август.
„Површината им одговара на нашите тенисери. Надал немаше среќа во првото коло (РГ) бидејќи против себе имаше поподготвен играч, но тој сигурно ќе биде кандидат за медал. Можеме да освоиме два или три медали“, вели претседателот на Шпанската тениска федерација, Мигел Дијаз.