Средба Тошковски-Ониди: Поддршка во забрзување на процесот на интеграција кон ЕУ со креирање на нови програми
Денеска (18.07.2024), министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев и државниот секретар во МВР Сашо Петрушевски, остварија средба со заменик генералниот директор на Генералниот директорат на ЕУ за миграција и внатрешни работи при Европската комисија, Оливие Ониди, придружуван од амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Н.Е. Дејвид Гир.
Министерот Тошковски се заблагодари на за помошта што ја добиваме во гасењето на пожари преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
Заменикот генерален директор Ониди потсети дека еден од основните постулати на постоењето на Европа е солидарноста и взаемната помош на државите. Ониди потенцираше дека со сите сили ќе се стремат за забрзување на процесот на интеграција во ЕУ, ќе ги поддржат во чекор сите наши заложби преку помош и поддршка со постојните механизми на ЕУ и креирање нови програми.
„Изразив подготвеност и очекување во иднина уште повеќе да ја интензивираме соработката во имплементацијата на суштински реформи кои уште повеќе ќе не доближат до највисоките стандарди на функционирање кои важат во Европската Унија. Тука би ја потенцирал реформата на граничното управување и имплементација на вистински модерен систем на гранично управување кој ќе овозможи ефикасност на штитење на границата, посебно бидејќи нашата држава се наоѓа на една од најразвиените и најкористени миграциски рути.“, потенцираше министерот Тошковски.
На средбата беше потврдена потребата од зајакнување на размената на информации преку механизмите на ЕВРОПОЛ, бидејќи тоа е клучно во борбата со транснационалниот организиран криминал.
Заменикот генерален директор и амбасадорот ги потенцираа точките на кои што треба да се фокусираме и во иднина со цел исполнување на сите европски стандарди кои гарантираат владеење на правото и ефикасност на државата за своите граѓани во сите аспекти.