Свет

Трамп тврди дека уште во јули побарал од Нетанјаху брз прекин на војната во Појасот Газа

Бајден: Нема сомнение дека Трамп го поддржа бунтот, сите го видовте

Кандидатот на Републиканската партија на претстојните претседателски избори во САД, Доналд Трамп изјави дека на последната средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во јули, му рекол на израелскиот премиер брзо да ја прекине војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.

„Тој знае што прави и јас го охрабрив брзо да го заврши. Мора брзо да заврши, тие мора да победат и да го завршат. Убиството мора да престане“, рече Трамп, пренесе Ројтерс.

Трамп ги нарече пропалестинските демонстранти во САД „насилници про-Хамас“ и „симпатизери на џихадот“ и додаде дека доколку биде избран, ќе ги уапси и депортира.

„Ќе му ја дадам на Израел потребната поддршка за да победи, но сакам брзо да победи“, рече Трамп.

Зборувајќи за потпретседателката на САД и кандидатка на Демократската партија на изборите, Камала Харис, тој изјави дека „маневрирала за да ја добие поддршката од отровните антисемитисти во сопствената партија“.

„Од самиот почеток, Харис работеше на врзување на рацете на Израел зад грб, барајќи итен прекин на огнот, што само ќе му даде време на Хамас да се прегрупира и да изврши нов напад како оној на 7 октомври“, рече Трамп.

Тој додаде дека ако Харис победи, „радикалните левичари и симпатизерите на Хамас не само што ќе предизвикаат хаос на улиците, туку ќе ја водат надворешната политика на САД и Белата куќа, а Израел ќе исчезне“.

Трамп и Нетанјаху ги негираа медиумските извештаи дека разговарале за потенцијален договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците во средата.

„Спротивно на медиумите, премиерот Бенјамин Нетанјаху вчера не разговараше со поранешниот претседател Доналд Трамп“, соопштија од кабинетот на Нетанјаху, додека Трамп изјави дека не разговарал со израелскиот премиер за тоа, но дека можеби ќе го стори тоа.

Нетанјаху ги посети САД во јули, при што зборуваше пред американскиот Конгрес и се состана со американскиот претседател Џозеф Бајден, потпретседателот и демократски кандидат за претседател Камала Харис, како и со Трамп во неговата резиденција на Флорида.

Египет, САД и Катар ги водат преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, а Вашингтон постојано повторува дека постигнувањето на тој договор ќе доведе до намалување на тензиите и закана од поширок конфликт на Блискиот Исток.

На почеток