Се урна руски суперсоничен бомбардер, загина пилотот
Еден од пилотите на бомбардерот Ту-22М3 загина при пад на авионот во областа Иркутск во Русија, соопшти утринава шефот на регионот Игор Кобзев.
Кобзев на својот канал Телеграм напиша дека останатите пилоти имаат повреди со различна тежина и се хоспитализирани.
„Експертите сега мора да ја утврдат точната причина за несреќата. Според прелиминарната истрага, која беше спроведена вчера, причината е технички дефект“, рече Кобзев, пренесе Интерфакс.
Авионот Ту-22М3 се урнал во четвртокот за време на рутински лет, а екипажот се катапултирал.
Авионот се урнал во ненаселено место, а на теренот нема штета.
Претходно беше објавено дека четворицата пилоти на бомбардерот Ту-22М3, кој се урна во четвртокот кај селото Михајловка во областа Черемхово во регионот Иркутск, се катапултирале.
Ту-22М3 е суперсоничен бомбардер кој носи ракети со долг дострел за уништување поморски и копнени цели со наведувани проектили и може да носи нуклеарни и конвенционални бомби и проектили.