Филипче: Паднаа во вода ветувањата за одговорноста што ја ветуваше Мицкоски со случаите поврзани со спикерот Гаши
Паднаа во вода ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски дека ќе има одговорност за сите функционери што се огрешиле од законот. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во одговор на новинарско прашање каков став ќе заземе Социјалдемократскиот сојуз во однос на интерпелацијата за собранискиот спикер, Африм Гаши.
„МВР детектираше и за тоа има писмен документ, несоодветно однесување и неправилно постапување од страна на собранискиот спикер така што падна во вода ветување ВМРО-ДПМНЕ за одговорност на функционерите“, потенцира Филипче.
Според него, главното прашање е зошто ВМРО-ДПМНЕ не почне постапка за смена на собранискиот спикер во контекст на сите нивни најави и изјави за одговорно работење на кој било функционер којшто е поставен на која било позиција.
Филипче истакна дека пратеничката група на СДСМ ќе има координација во однос на ова прашање оваа недела, по што ќе ја информира јавноста за нивната позиција. Собраниската седница на која се точка на дневен ред е интерпелација за работата на Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија – Африм Гаши е закажана за 3 септември.