Македонија

Конвенција на шефовите на полиции во организација на Европол и претседавачот со ЕУ – Унгарија

Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, предводејќи ја делегацијата на македонската полиција вчера и денес (24/25.09.) во седиштето на Европол во Хаг, Холандија, присуствува на Европската конвенција на шефовите на полиции, настан организиран од Европол и актуелниот претседавач со ЕУ – Унгарија, посветен на низа теми од исклучително безбедносно значење, и на кој што практично учествуваат шефовите на полициите од земјите-членки на ЕУ, како и од оперативните и стратешките партнери за соработка.

На годинашнава конвенција тематски поделена на три работни панели, приоритет за дискусија имаа темите од областите на недозволената трговија со дрога; потоа проблематиката на онлајн измами; како и горчливото прашање за ефектите од сајбер нападите, дезинформациите и другите слични закани по полициското работење. Односно во фокусот беа поместени актуелни подрачја со коишто се соочуваат органите надлежни за спроведување на законот, а во контекст на растечките закани од сериозниот и организиран криминал, новите начини на делување на криминалните групи и иновативни решенија за справување со предизвиците во борбата против криминалот.

Инаку, вчера на маргините од настанот македонската делегација предводена од директорот Јанев имаше повеќе билатерални средби со делегации и шефови на полиции од Германија, Велика Британија, Словенија, Хрватска, како и со претставници на Службата за дипломатска безбедност на САД (US DSS).
На средбите покрај позитивните оценки за досегашната успешна партнерска билатерална полициска соработка беа актуелизирани и низа други прашања од заеднички интерес, а секако во насока на унапредување на постоечката соработка, како и во насока на квалитативно унапредување на истата.

На почеток