Филипче: Законот за бранители нема никаква етничка компонента, опфаќа Македонци, Албанци и други етнички заедници
Во Закон за бранители опфатени се сите загинати припадници на Армијата на Македонија и на полицијата, односно членовите на нивните семејства коишто сега треба да бидат обесштетени како и воените инвалиди од сите настани коишто се случиле, не само во 2001 туку од 1990 година до денес. Притоа, во тие бранители ќе има луѓе коишто се Македонци, Албанци, Турци и Роми. Не е точно дека Законот за бранители ќе има некаква етничка конотација.
Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за емисијата „Само интервју“ на Канал 5.
„Законот што СДСМ го предложи е најсеопфатен до сега. Опфатени се сите, а тие кои веќе добиле некакво обесштетување во минатото по други закони сега ги изедначува со сумите коишто ги добиваат новите категории коишто ќе влезат во новиот закон“, појасни Филипче.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ покажува лицемерие и се служи со двојни аршини кога станува збор за закони што се во корист на граѓаните и закони од лична корист на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски. Споредбата на ја прави преку процедурите за носење на Законот за заем од Унгарија и Законот за бранителите.
„Имено како што ВМРО-ДПМНЕ по кратка постапка го натера претседателот на Собранието, Африм Гаши да ја закаже Комисијата за финансирање и буџет и да помине Законот за заем од Унгарија, истото можеше да го направи и за комисијата на која требаше да се разгледува Законот за бранители. Наместо тоа, сакајќи само да глумат некаква конструктивност тие потпишаа некое барање од група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ до претседателката на Комисија за социјална политика, Илире Даути којшто очигледно не ја свикува комисијата“, рече Филипче.
Според Филипче, Гаши има обврска да ја свика Комисијата и на неа да се дискутираат сите аспекти во процедура како што доликува, а не преку медиумите.
„Станува збор за вистински потреби на семејствата и на воените инвалиди. Кој е друг фронт подобар да се разговара за сите овие работи освен Собранието“, потенцира Филипче.