Македонија

Гаши се сретна со Ердоган: разменети мислења за унапредување на соработката меѓу Македонија и Турција

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, во придружба на пратениците: Бејџан Иљас, претседател на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Турција, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Мерита Колчи Коџаџуку и Беким Сали, од 2 до 5 октомври 2024 година престојува во официјалната посета на Република Турција, на покана од Нуман Куртулмуш, претседател на Големото национално собрание на Турција.

Во рамките на посетата, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Тајип Ердоган, на која присуствуваше и претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулшуш, како и претседателите на парламентарните групи за соработка и пријателство од двете собранија, пратениците Бејџан Илјаз и Ахмет Килич.

На средбата беа разменети мислења за унапредување на одличната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, за состојбите во двете држави и за актуелните случувања во регионот и пошироко.

Претседателот Африм Гаши оствари tête-à-tête средба со министерот за надворешни работи Хакан Фидан, по што се одржа и заедничка средба со пратениците членови на Делегацијата.

Претседателот Африм Гаши истакната дека средбата претставува можност Република Северна Македонија и Република Турција да ја зајакнат долгогодишната активна и успешна соработка. Тој оцени дека неодамнешната посета на министерот Фидан на Република Северна Македонија, како и неговата посета на Турција, се потврда за високото ниво на билатерални односи меѓу двете традиционално пријателски земји и НАТО-сојузници.

Претседателот Африм Гаши нагласи дека високо ја вреднуваме успешната соработка со Република Турција во сите полиња и изрази голема благодарност до Турција, која од самиот почеток беше принципиелен подржувач на нашето членство во НАТО.

Министерот Хакан Фидан ја потврди безрезервната поддршка на Турција за Северна Македонија на сите полиња и се осврна на потребата за интензивирање на соработката во полето на економијата, реафирмирајќи ја заложбата за зголемување на трговската размена меѓу двете земји.

На средбата беше нагласено значењето на меѓупарламентарната соработка и парламентарната дипломатија за билатералните и мултилатералните односи, во однос на унапредувањето на политичкиот дијалог и зголемувањето на динамиката на севкупната соработка меѓу земјите.

Претседателот на Собранието Гаши и пратениците остварија средба и со Ерол Озвар, претседател на Советот за високо образование на Турција и членови на Советот.

На средбата, високата собраниска делегација беше информирана за активностите на ова тело во насока на стратешко планирање на високото образование, координација меѓу универзитетите и воспоставување и одржување механизми за обезбедување квалитетно високо образование. Стана збор и за можностите за унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Турција на полето на високото образование.

На почеток