13-то издание на најградскиот урбан фестивал Пиволенд
Од 16-ти до 19-ти октомври со почеток од 18 часот, среда, во Паркот на Франкофонијата ќе се одржи 13-тото издание на најстариот и единствен градски пивски фестивал Пиволенд.
Фестивалот кој се одржува од 2009-та година ќе понуди повеќе од 30 разновидни брендови на пива, со повеќе од 100 видови, индустриско и занаетчиски пиво од Македонија, балканот и светот, вкусна храна и мезе како и повеќе од 30 музички групи, артисти и диџеи. Предвидена е и детска програма во Сабота кога и фестивалот започнува порано од 12:00 часот, а на сцената ќе свират млади бендови од училиштата Ентерпрајз и Мјузик Лаб.
Четири дена Скопје ќе пулсира во ритамот на македонската музичка сцена, рокенрол, реге, поп, блуз, панк, метал и хип хоп, кавер бендови, млади бендови на една сцена со една мисија да го направат 13-тото издание незаборавно.
Легендите на македонската панк музика Бадмингтонс, Морал, Паркети, Куку Леле, ска панк легендите од Бугарија – Викеда, Бело Копче – трибјут на Бело Дугме, Д ДАЛТОНС, Пичвајз, Занаду, Деменси, Огнен Здравковски, Гуру Харе Бенд, Диџеј Славе се само дел од имињата кои ќе ги забавуваат скопјани и другите посетители.
Тоа што го одвојува и го прави посебен Пиволенд е неговата инклузивна и хуманитарна страна, посебниот градски шарм и вклученоста на сите генерации и вкусови.