Скопје

Ѓорѓиевски: ЗЕЛС е отворена за секаква поддршка и e мост кој нуди поврзување на општините

Во вчерашната емисија „Топ Тема“ на Телма телевизија гостуваше претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски кој истакна дека во ниеден момент од кога е претседател на ЗЕЛС не дозволил политичко мешање во асоцијацијата и секогаш се стреми кон тоа ставовите да бидат насочени кон тоа да се решат некои проблеми во одредена општина како што и функционираат цел изминат период.

Тој посочи дека ЗЕЛС е отворена за секаков вид поддршка на општините за решавање на било каков проблем со дијалог, со донесување на заедничко решение, а со тоа и надминување на сите проблематики и предизвици со кои се соочуваат општините .

„Ова што се случи изминатиот период на мое жалење, морам да констатирам, a и верувам дека беше избрзана реакција на моите колеги и верувам дека можеме цивилизирано да разговараме да си подадеме рака да се надминат проблемите. Јас не велам дека Коста не се соочил со проблем, но за тоа требаше да се дискутира, требаше колегата Костадинов да не извести, да побара поддршка како што тоа го направи Јакимовски вчера. Можеа да бидат сведоци нашите граѓани дека разговаравме на двете нај клучни проблеми со кои се соочувам на тие две прашања на кои ќе се насочиме наредните денови во соработка со него, во соработка со министерствата да седнеме да разговараме на заедничка маса“ изјави Ѓорѓиевски во однос на последните случувања со струмичкиот градоначалник кој најави можно заминување од ЗЕЛС.

Исто така, во дебатата Ѓорѓиевски истакна дека ЗЕЛС и понатаму останува партнер на сите општини и искрено го радува она што го изјавил Костадинов дека не излегува општина Струмица од ЗЕЛС, и цврсто верува дека така ќе биде, затоа што најдобар партнер и најсериозен за сите општини е токму ЗЕЛС.

Тој образложи дека е потребно обединет ЗЕЛС токму заради подобра функционалност, а со тоа би можело да се помогне многу полесно на било која општина во државата, доколку се соочи со некаков проблем и дека тој, како градоначалник, на општина Кисела Вода и како претседател на ЗЕЛС е отворен за комуникација.

На почеток